Актуелно

ЦЕЛТА МИ Е СТАРИТЕ ЛИЦА ДА МИСЛАТ НА ИДНИНАТА, ВЕЛИ ФИЗИОТЕРАПЕВТОТ СО ОШТЕТЕН ВИД ВО ГЕРИЈАТРИЈА АЦО ЗАНЕВ





Физиотерапевтот Ацо Занев е лице со оштетен вид, кој триесет години е вработен во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје.

„Од мал ми е животна желба да бидам физиотерапевт, тоа сум и се сметам дека сум успешен“, вели тој.

Занев завршил Средно медицинско образование во Белград во 1990 и после шест месеци се вработил во Болницата, тогашна Геријатрија, а во 2013 дипломирал на Медицинскиот факултет во Штип, отсек физиотерапевти.

„Јас сум пораснат во Геријатрија“, се шегува Занев.


Занев вели дека низ образованието користел компјутер со говорни команди со скрин ридер, а особено му било корисно што на Штипскиот универзитет сите професори ја пишувале својата литература во електронска форма.

Тој работи кинезитерапија, за што вели дека е дел од физикалната терапија каде физиотерпавтетот аплицира вежби на пациентите. Активни, активно потпмогнати и пасивни вежби, вежби на заболените екстремитети, на одземените екстремитети и на тие што се со пареза. Занев работи физикална терапија со пациенти со одземеност на долни екстремитети, одземеност на леви и десни екстремитети и квадриплегија.

„Во принцип тоа се пациенти што се сместени тука во геријатрискиот дел, најчесто се тоа стари лица и превенцијата на секоја физикална терапија е превенција од декубити (рани од лежење), превенција од недвижење. Физикалната терапија помага и да се натера човекот да мисли повеќе за себе. Има стари луѓе кои едноставно пропаѓаат во својата апатија и мислат дека дошла староста и толку. Физиотерапевтот, барем за мене, за мојата постапка значи, е да му го одвлечеш вниманието на пациентот секогаш на друга страна, да размислува за нешто друго, за некоја друга сфера од животот од минатото, да го натераш да мисли на иднината. Едноставно, проблемот што го има во животот да го тргне. Да го натераш секое твое доаѓање да му биде интересно, посакувано“, ни рече Занев.


Занев кажа дека во Болницата е единствено лице со инвалидитет, а дека лица со оштетен вид работат во Заводот за медицинска рехабилитација во Козле.

„Сосема е поинаков третманот на тие физитерапевти таму, некако им е врзано во крпче дека физиотерапевтот што не гледа може само да работи масажа. Јас не се согласувам со тоа. Сите ние низ образованието сме го поминале истиот треман, учење и литература, истите практични делови, помалку или повеќе низ истиот образовен систем. Таму е поинаков третманот, не дека јас се согласувам или не се согласувам. Не ни размислувам за тоа, бидејќи е овде друг третманот, прифатеноста. Не дека животот на лицето со инвалидитет е лесен, но тоа е тоа, некако мораш да се навикнеш дека поголем товар ќе носиш во животот. Барем во такво општество живееме“, вели физиотерапевтот Занев.

Од долгогодишното искуство во Болницата, издвојува дека пред некоја година имал пациентка во „Сју Рајдер“ која имала фрактура на колк и била неподвижна.

„Таа имаше голема желба да стане и да живее. Со упорна работа си замина дома. Што е доказ дека не е точно оти тука доаѓаат луѓе и не се враќаат. Овае е установа каде луѓето може да оздрават, и оздравуваат и си одат дома“, ни рече Занев.

Оригиналниот текст можете да го прочитате тука